The SoulSea | Викторија Бачварова Психолог Психотерапевт, сесија блог психотерапија личен раст

Што се прави на психотерапија?

За луѓе кои не знаат да дишат, дишеме, за луѓе кои не знаат да голтаат, џвакаме, за луѓе кои не знаат да одат, учиме да стоиме, за луѓе кои не можат да го прифатат своето минато, гледаме во него, за луѓе кои се заглавени, седиме и гледаме што тоа значи, за луѓе кои сакаат повеќе самодоверба, учиме низ безбеден простор како да се пројавиме.

Всушност, одењето на психотерапија е една интимна средба со себе, и самото одење подразбира голема одговорност.

Одговорност да се видиме себе си, и храброст да застанеме со одлука кон тоа каде сакаме да се движиме. Тоа не значи дека психотерапијата ќе не промени од корен или ќе не раздрма до сржта, но не значи и дека нема. Тоа само значи дека чекор по чекор ќе се наместиме онаму каде што сакаме да одиме.

Мојата улога во целиот процес

Улогата на психологот или психотерапевтот не е да ви каже како треба или мора или што е најдобро за вас. На психотерапија ги оставате вашите очекувања дека ќе ги добиете сите одговори на вашите прашања во форма на исказ од страна на терапевтот. Тоа со што јас можам да ви помогнам е да ви обезбедам удобен и безбеден простор каде ќе може да зборуваме со голема поддршка за се што сакате да споделите и да ви помогнам да дојдете до одговорите.

Притоа, просторот во кој ќе кокреираме заедно е простор каде нема стереотипи, предрасуди или осуда. Тоа е простор на поддршка, место за сите тешкотии и емоции, место за ваше исцелување и раст.

Начинот на одржување на една средба не е однапред определен и тој се моделира и прилагодува зависно личноста и автентичната потреба на клиентот. Па така со некои клиенти може да медитираме, а со некои може повеќе да си позборуваме.

Жена на психотерапија на првата средба со очекувања

Твојата улога во целиот процес

Твојата улога носи голема одговорност затоа што сакаш и веќе размислуваш за промени. И тоа е доволно да започнеш со работа. Твојата улога ќе биде таа на присутност и желба да се работи бидејќи ниедна промена не се случила ако не сакаме. Тоа значи дека не трeба да имаш грижи дека ќе “копаме во длабокото” ако не си се уште на тоа место, бидејќи според моето искуство досега ништо не излегло на површина, а за кое личноста не била спремна да го види, освести и осознае. Тоа значи дека нашите капацитети за раст се огромни и индивидуата се исцелува со темпото и начинот на којшто е спремна да го направи тоа.

Како изгледа првата средба?

На првата средба вообичаено се запознаваме, јас со мојата улога и вие со вашата потреба. Вообичаено на првата средба формираме взаемен договор за тоа што сакаме да постигнеме на првиот циклус средби. Првиот циклус средби се движи од минимум 5 до 10 средби, зависно потребите и можноста. Препорака е средбите да се одржуваат еднаш неделно бидејќи праксата покажува дека тоа е задоволително темпо за да се оствари чувство и искуство на промени кај клиентот.

 

Клиент на психотерапија на првата средба со очекувања

Најчести митови за психотерапијата

  • Психолозите и психотерапевтите читаат мисли (колку и да звучи привлечно, не читаме мисли, но слушаме внимателно што ни говори клиентот за да можеме подобро да интервенираме).
  • Секоја средба се “копа во длабокото” (секоја средба правиме тоа што клиентот е спремен и сака да го прави, вообичаено не секоја средба е како од филмовите).
  • Терапевтот ги има одговорите на сите мои прашања (вообичаено терапевтот помага во тоа како сами да дојдете до одговорите на прашањата бидејќи не постои формула како одговор на некое прашање. Воедно и терапевтот не ги знае сите одговори, но неговата улога е да ви создаде јаснотија за сами да ги пронајдете и да ви укаже на техники како може да го направите тоа).
  • Терапевтот ги бара одговорите за клиентот (јас сум тука да ти помогнам да откриеме кои се твоите важни прашања, а со тоа и како може да ги пронајдеш одговорите).

Јас сум тука, и те чекам заедно да го кокреираме твојот безбеден простор за бидување, исцелување и растење.

The SoulSea | Викторија Бачварова Психолог Психотерапевт
Прочитај повеќе слични објави

Заследи не на инстаграм за да ги пратиш последните објави поврзани со слични психолошки теми.